Симпозиум со меѓународно учество во Кавадарци на 12.09.2026

Тема : Ургентни состојби во стоматологијата
Присуството на настанот е задолжително!
Датум на одржување : 12 септември, 2026
Локација : Домот на Културата во Кавадарци
Место на одржување : Кавадарци
Облик : Симпозиум со меѓународно учество
Бодови за пасивно учество : 8
Бодови за активно учество : 12
Цена за котизација : 1600 ден.

ПРЕДАВАЧИ

Универзитетски клинички центар во Марибор
Доц. Д-р.
Игор
Балевски
Град: Марибор
Држава: Словенија

Кратка биографија

Доц. д-р Игор Балевски е истакнат интервентен кардиолог со повеќе од 25 години меѓународно искуство, познат по неговата експертиза за изведување на најсложени кардиолошки процедури, вклучувајќи TAVI, PTCA на левата главна коронарна артерија и CTO интервенции.

Како пионер во воведувањето на TAVI методата во Универзитетскиот клинички центар во Марибор, д-р Балевски има успешно изведено над 500 TAVI и 500 PTCA процедури.

 Познат е по успешното решавање на комплексни кардиоваскуларни случаи вклучително и пациенти кои биле одбиени од други центри, благодарение на неговото богато клиничко искуство и сеопфатен пристап кон лекувањето. Покрај интервентната кардиологија, поседува длабока експертиза во неинтервентна кардиологија, ехокардиографска дијагностика и кардиолошка интензивна нега.

Неговата професионална работа е надополнета со повеќе од 15 години активна едукација и менторство на специјализанти и студенти по медицина.

Тој е меѓународен проктор за Edwards Lifesciences, Abbott (Navitor® TAVI System) и Meril Life Sciences (Myval®).

Со својата професионалност, иновативност и исклучителна посветеност кон пациентите, доц. д-р Игор Балевски се вбројува меѓу најреномираните кардиолози во регионот и Европа.

ТЕМА :

Кардијологијата во стоматологијата и стоматологијата во кардијологијата

 

Се работи за многу широка тема, но ние во предавањето ќе се концентрираме на антикоагулантната и антиагрегационата терапија, која од страна на кардиолозите се применува кај голем број кардиоваскуларни заболувања.

Токму таквата терапија, која има за цел да спречи интраваскуларна тромбоза и со која се избегнуваат опасни, по живот загрозувачки тромбоемболии, на докторите стоматолози им создава голем предизвик при потребата да интервенираат. Особено ако се земе предвид дека голем дел од стоматолошките интервенции се крвави, па по интервенцијата може да настанат сериозни и потенцијално опасни крварења.

Од друга страна, бактерискиот ендокардит, кој претставува многу сериозно заболување и кај кој сè уште постои висок ризик од летален исход, многу често има етиолошка поврзаност со стоматолошките интервенции. Затоа докторите кардиолози и докторите стоматолози треба тесно да соработуваат во однос на постапувањето кај пациентите кои примаат антикоагулантна или антиагрегациона терапија, односно да ги препознаат состојбите кај срцевите заболувања при кои постои зголемен ризик за појава на бактериски ендокардит, како и превентивните мерки што треба да се преземат.

Во предавањето ќе бидат опфатени сите состојби на кардиоваскуларниот систем кај кои се применува антикоагулантна или антиагрегациона терапија, како и препораките и протоколите за постапување кај овие пациенти.

Медицинскиот факултет при Универзитетот во Ниш
Проф. Д-р.
Радмила
Обрадовиќ
Град: Ниш
Држава: Србија

Кратка биографија

Проф. д-р Радмила Обрадовиќ е редовен професор на Медицинскиот факултет при Универзитетот во Ниш и специјалист по пародонтологија и орална медицина. Вработена е на Клиниката за дентална медицина во Ниш, каде што е активно ангажирана во наставната, научноистражувачката и клиничката дејност.

Дипломирала на Медицинскиот факултет при Универзитетот во Ниш во 2001 година. Специјализацијата по пародонтологија и орална медицина ја завршила во 2005 година, истата година кога ја одбранила и магистерската теза, додека докторската дисертација ја одбранила во 2010 година.

Во текот на својата академска кариера активно се занимава со научни истражувања од областа на пародонтологијата, оралната медицина, ласерската терапија, регенеративната медицина и оралната хигиена. Автор и коавтор е на повеќе десетици научни и стручни трудови објавени во домашни и меѓународни научни списанија. Била раководител и учесник во повеќе научноистражувачки проекти.

Во 2019 година, во Прага, го стекнала престижното звање iTOP Lecturer, со што станала сертифициран предавач за Individual Training in Oral Prophylaxis (iTOP) – Индивидуален тренинг за орална профилакса.

Проф. д-р Радмила Обрадовиќ ја извршува функцијата претседател на Стручниот совет на Клиниката за дентална медицина во Ниш. Член е на Српското лекарско друштво и на Антрополошкото друштво на Србија, како и рецензент на бројни домашни и меѓународни научни списанија.

Активно учествува на национални и меѓународни конгреси, симпозиуми и едукативни програми, давајќи значаен придонес во унапредувањето на стручната и научната практика во областа на стоматологијата.

ТЕМА :

MRONJ – итен дијагностички и терапевтски предизвик во стоматолошката пракса

MRONJ – итен дијагностички и терапевтски предизвик во стоматолошката пракса

Медикаментозно предизвиканата остеонекроза на вилиците (Medication-Related Osteonecrosis of the Jaw – MRONJ) претставува сериозна компликација од примената на антиресорптивни и антиангиогени лекови, вклучувајќи ги бисфосфонатите и деносумабот. Со порастот на бројот на пациенти кои се лекуваат од остеопороза, мултипен миелом и метастатски малигни заболувања на коските, стоматолозите сè почесто се среќаваат со оваа состојба.

Критериумите дефинирани од Американската асоцијација на орални и максилофацијални хирурзи (American Association of Oral and Maxillofacial Surgeons – AAOMS) ги даваат најсовремените препораки за дијагностицирање и класификација на MRONJ.

Од особена важност е препознавањето на раните знаци на заболувањето, како што се перзистентна болка, оток, експонирана коска, фистули и знаци на локална инфекција. Иако MRONJ не се смета за класична ургентна состојба, нејзиното доцно препознавање може да доведе до прогресивна деструкција на коската, секундарни инфекции, патолошки фрактури на вилиците и значително нарушување на квалитетот на животот на пациентот. Поради тоа, навременото поставување на дијагнозата и соодветното терапевтско згрижување имаат исклучително големо клиничко значење.

За успешно водење на стоматолошката практика и спречување на компликациите, од особено значење е познавањето и примената на превентивните мерки уште пред започнување на медикаментозната терапија што може да доведе до појава на MRONJ. Стоматологот мора да биде запознаен со протоколите за проценка на ризикот пред екстракција на заби и други хируршки интервенции, да ги применува современите терапевтски пристапи во различните стадиуми на заболувањето, соодветно да користи антисептици и антибиотици, а пред сè критички да процени кога е оправдано конзервативно лекување, а кога е неопходно хируршко згрижување.

Од пресудно значење е детално земената анамнеза и навременото идентификување на пациентите кои користат антиресорптивни или антиангиогени лекови пред планирањето на каква било инвазивна стоматолошка процедура.

Секој стоматолог треба да биде запознаен со третманот на компликациите кои бараат итна реакција, вклучувајќи акутни одонтогени инфекции кај пациенти со MRONJ, секвестрација на коската, ороантрални комуникации и патолошки фрактури на вилиците.

Проф. Д-р.
Томислав
Шкрињариќ
Град: Загреб
Држава: Хрватска

Кратка биографија

Вонреден професор на Стоматолошкиот факултет при Универзитетот во Загреб и специјалист по детска стоматологија во Клиничкиот болнички центар Загреб.

Вонр. проф. д-р Томислав Шкрињариќ дипломирал на Стоматолошкиот факултет во Загреб во 2006 година. Од 2007 година е вработен на Стоматолошкиот факултет при Универзитетот во Загреб како млад научен истражувач.

Специјалистичкиот испит по детска и превентивна стоматологија го положил во 2012 година. Ги завршил постдипломските докторски студии и ја изработил и успешно ја одбранил докторската дисертација со наслов „Проценка на поврзаноста помеѓу психолошките карактеристики на детето и улогата на околината во настанувањето на денталните трауми“. Докторската дисертација ја одбранил во 2013 година на Стоматолошкиот факултет во Загреб.

Во научното звање научен соработник е избран во 2013 година. Во научно-наставното звање доцент и на работното место доцент е избран во 2016 година.

Од 2018 година работи како специјалист по детска стоматологија во Клиничкиот болнички центар Загреб.

Во научно-наставното звање вонреден професор и на работното место вонреден професор е избран во 2021 година.

Член е на повеќе научни и стручни здруженија.

ТЕМА :

ИТНИ И ПРЕВЕНТИВНИ ПОСТАПКИ КАЈ ТРАУМИ НА ЗАБИТЕ КАЈ ДЕЦАТА

Траумите на забите зафаќаат околу 30% од децата со трајна дентиција. Тие имаат сериозни естетски, функционални, психолошки и економски последици за пациентите и нивните семејства.

Лицата кои се наоѓаат во близина на детето во моментот на повредата можат да му пружат прва помош уште на местото на несреќата. Итното постапување е од клучно значење за конечниот исход од лекувањето, за вкупните трошоци на терапијата и за последиците врз повреденото дете.

Избиениот заб треба да се реплантира што е можно побрзо, со цел да се намали ризикот од ресорпција на коренот. Доколку непосредната реплантација не е возможна, забот треба да се стави во соодветен медиум, како што е млеко или специјален медиум за култура на ткиво.

Превенцијата на денталните трауми вклучува идентификација на етиолошките фактори и преземање мерки за нивно избегнување или за намалување на нивното штетно дејство. Родителите и спортската заедница треба да бидат запознаени со ефикасноста и придобивките од користењето на штитници за заби во превенцијата на повреди на забите и меките орални ткива.

Потребна е едукација на наставниците, спортските тренери и различните здравствени работници кои не се доволно запознаени со лекувањето на денталните трауми, со цел да се обезбеди правилно постапување во случај на повреда на забите.

Подоброто познавање на постапките при дентални повреди од страна на педијатрите може значително да придонесе за подобар исход од лекувањето на денталните трауми кај децата.

Европскиот Универзитет, Факултет за Дентална Медицина во Скопје
Доц. Д-р.
Недим
Касами
Град: Скопје
Држава: Македонија

Кратка биографија

Др. Недим Касами е роден во Гостивар, Р. Македонија во 1969 год. Дипломирал на стоматолошкиот факултет во Универзитетот во Загреб,  во 1996 год. под менторство на Проф. Др. Ивица Аниќ. Од 2005 година до денес работи на универзитетската клиника за хирургија на лице, вилици и врат, максилофацијална хирургија каде што во 2010 започнува специјализација од истата област и ја завршува во 2014. Во 2013 година ги завршува постдипломските студии и го брани магистерскиот труд под наслов Клиничка и хируршка евалуација на конгениталните цисти на вратот и се стекнува со назив магистар по медицински науки од областа максилофацјална хирургија. Неговиот научно истражувачки интерес се туморите на паротидната жлезда и во 2013 год. од Европската Асоцијација за Краниофацијална Хирургија, ја добива наградата Хелен Матрас сколаршип и  престојува во Општата Болница во Виена, Аустрија на универзитетската клиника за максилофацијална хирургија Ханс Пихлер во Виена. Објавувал научни трудови во меѓународни списанија како Acta Stomatologica Croatica и учествувал на меѓународни симпозиуми и конгреси каде што ги презентирал своите оригинални научни истражувања од областа  максилофацијалната хирургија. Исто така престојувал на клиниката за ОРЛ и хирургија на глава и врат, во универзитетскиот клинички центар Сестре Милосрднице Загреб, Хрватска. Др. Недим Касами беше председател на Албанското Стоматолошко Друштво во Р. Македонија во периодот од 2013 до 2017. Во 2016 беше председател на Вториот Меѓународен Конгрес во Струга со наслов Managing Challenges in Dentistry. Во 2021 година , под менторство на Проф.др. Владимир Поповски ја одбрани својата дисертациска теза со наслов Плеоморфен аденом на паротидната жлезда, авалуација на ризик факторите за рецидив и постоперативен морбидитет на фацијалниот нерв, на клиниката за максилофацијална хирургија во Клиничкиот Центар Мајка Тереза Скопје, каде што е во редовен работен однос како клинички лекар специјалист по максилофацијална хирургија, доктор на науки од истата област. Од месец Април 2024 е избран за доцент на Европскиот Универзитет, Факултет за Дентална Медицина во Скопје каде што држи предавања по предметот орална и максилофација хирургија. Доц.др. Недим Касами е активен член на Стоматолошката Комора на Македонија, Hrvatsko Endodontsko Drustvo, EACMFS ( European Asociation for Craniomaxillofacal Surgery ) и Стоматолошкото Друштво на Албанците во Р. Македонија. Доц.др. Недим Касами е автор на повеќе трудови од областа максилофацијална хирургија објавени во домашни и меѓународни стручни списанија и ментор на повеќе студенти при изработка на завршни дипломски трудови на студенти во Европскиот Универзитет, Факултетот за Дентална Медицина, Скопје Македонија.

ТЕМА :

НАЈЧЕСТИТЕ УРГЕНТНИ СОСТОЈБИ ВО СЕКОЈДНЕВНАТА СТОМАТО-ХИРУРШКА ПРАКСА, НИВНА ЕВАЛУЦИЈА И ТРЕТМАН

Во секојдневната работа во нашите стоматолошки амбуланти, терапевтот не ретко се среќава со ургентни состојби кои бараат соодветно знаење и вештини на терапевтот за совладување на дадената ситуација но и адекватна опрема и средства за успешно решавање на ургентните состојби односно нивните компликации кои неретко се ризик фактори за посериозно нарушување на здравствената состојба на пациентот. Докторите по дентална медицина во своите амбуланти се среќаваат и со пациенти со нарушено здравје и други коморбидитети кои се предизвик за терапевтот но во исто време и обврска да таквите пациенти бидат соодветно третирани и леге артис лекувани без посериозни последици по нивното здравје. Најчестите ургентни состојби ве секојдневната стоматолошка амбуланта се пациентите со верифицирана но недекларирана крвна дискразија односно хемофилија, кај кои може да дојде до пообилно крварење за време и после изведената хируршка интервенција, потоа следат големите инфекции на лицево виличната регија, како што се флагмоните, кои се шират како што вели Иво Чупар     “ anatomskim putevima i prostorima “ и преставуваат  животно загрозувачки состојби кои неретко може да доведат до летален исход ако се закасни со третманот и дозволи да се зафати  синус кавернозуз, медијастинумот односно парафарингеалниот и ретрофарингеалниот простор. На крајот е и       оро-антралната комуникација која бара промтна пластика на синус максиларис за избегнување на компликациите и радикалните хируршки зафати на истиот по методата Caldwell – Luc која е многу радикална метода и преставува голем инзулт за пациентот и истиот може да се избегне со навремена пластика на синусот по методата Wassmund- Rehrmann.

Клучни зборови: крварење, хемофилија, флегмона на врат, синус пластика.

ЈЗУ Специјализирана болница за гинекологија и акушерство (СБГА) „Мајка Тереза“ – Чаир, Скопје
Проф. Д-р.
Марина
Павлова Каровска
Град: Скопје
Држава: Македонија

Кратка биографија

Д-р Марина Павлова Каровска е родена во Скопје 1963 година, во општината Карпош, специјалист по анестезиологија и интензивно лекување.

Своето образование го започнува во Скопје, каде што го завршува основното образование во 1978 година, а средното медицинско образование го финализира во ДМУЦ „Панче Карагозов“ – Скопје во 1982 година. Додипломски студии ги завршува на Медицинскиот факултет при УКИМ  во Скопје 1988 година, каде што се стекнува со звањето доктор по општа медицина.

По дипломирањето, својот прв професионален ангажман го започнува во Медицинскиот центар во Кавадарци, каде што остварува сеопфатна медицинска пракса работејќи во Службата за општа амбуланта, Службата за итна медицинска помош и домашно лекување, како и во Службата за медицина на трудот. Водена од стремежот за професионално усовршување, пристапува кон специјалистички студии по Анестезиологија со реанимација и интензивно лекување на Медицинскиот факултет во Скопје, кои успешно ги завршува, стекнувајќи го научно-стручното звање специјалист анестезиолог-интензивист во 2003 година.

Како резултат на нејзината докажана стручност и професионален интегритет, таа е именувана за Началник на Службата за анестезиологија и реанимација во Општата болница во Кавадарци, функција која успешно ја извршува.

Член е на Македонско лекарско друштво, Лекарска комора на Република Северна Македонија, Македонска Асоцијација на Анестезиолози и Европска Асоцијација на Анестезиолози.

Од 2003 до 2013 година има ангажман како волонтер и предавач во Општинската организација на Црвен крст Кавадарци по пренесување на вештини за основно одржување во живот и напредни курсеви по реанимација.

За својата континуирана стручна работа има добиено благодарница од МЛД и прогласена за најдобар доктор во својата институција од Министерство за здравство во 2013 година.

Уште во текот на додипломските студии, д-р Каровска покажува изразен афинитет кон научноистражувачката дејност како активен член на Студентскиот научен клуб. Во рамките на континуираната медицинска едукација, таа е етаблиран учесник на бројни домашни и меѓународни научни конгреси во областа на општата медицина, пулмологијата и анестезиологијата. Заклучно со 2014 година, д-р Марина Каровска дава значаен придонес во јавното здравство како специјалист анестезиолог-интензивист и раководител (началник) на Службата за анестезиологија и реанимација во Општата болница во Кавадарци.

Почнувајќи од 2014 година, својот професионален и клинички ангажман го продолжува во ЈЗУ Специјализирана болница за гинекологија и акушерство (СБГА) „Мајка Тереза“ – Чаир, Скопје, каде што ја презема раководната функција на Одделот за интензивно лекување.

Како резултат на нејзиниот долгогодишен, посветен стручен придонес и континуирана медицинска дејност, во 2015 година се стекнува со престижното стручно-научно звање Примариус. Ова високо општествено и професионално признание е директен резултат на нејзиниот плоден научноистражувачки ангажман, преку кој успешно го синтетизира своето богато, долгогодишно клиничко искуство со современите научни принципи во медицинската практика. Во тековниот период, примариус д-р Марина Каровска со несмален интензитет и висок професионализам продолжува активно да ја извршува својата дејност на истото работно место во СБГА „Мајка Тереза“ во Скопје, давајќи есенцијален придонес во унапредувањето на македонското здравство.

 

ТЕМА :

АНАФИЛАКТИЧЕН ШОК – КЛИНИЧКА СЛИКА И ТРЕТМАН

Шок е акутен, животозагрозувачки клинички синдром кој се карактеризира со критично намалена ткивна перфузија и недоволна испорака на кислород и хранливи материи до клетките, што доведува до клеточна хипоксија, нарушен клеточен метаболизам, органска дисфункција и, доколку не се лекува, мултиорганска слабост и смрт.

Анафилактичниот шок спаѓа во групата на дистрибутивни шокови. Промените во вазомоторниот тонус доведуваат до нарушување во дистрибуцијата на нормалниот циркулирачки волумен и шок синдром. Како последица на периферен застој и васкуларен шант, доаѓа до состојба на релативна хиповолемија, а губењето на артерискиот васкуларен тонус предизвикува значајна хипотензија.

Кај анафилактичниот шок имуниот одговор се манифестира кај веќе сензибилизиран домаќин, кога антигенот реагира со IgE антитела. Притоа започнува комплексна серија на реакции со активација на  циркулирачките мастоцити, еозинофили и периваскуларното сврзно ткиво, кои директно го активираат комплементот, предизвикувајќи ослободување на различни медијатори: хистамин, леукотриени C4 и D4 (спорореагирачки супстанции на анафилаксата), еозинофилен хемотаксичен фактор (ECF-A), брадикинин и разни простагландински супстанции.

Иницијалниот хемодинамски одговор е генерализирана вазодилатација, интраваскуларен застој, намалување на венскиот повраток во срцето проследено со капиларни микроваскуларни оштетувања и намалување на интраваскуларниот волумен поради зголемена капиларна пропустливост. Сериозната хипотензија може да биде најдраматичната манифестација на анафилаксата. Опструкцијата на горните дишни патишта поради бронхоспазам и белодробен едем, како и кожните и гастроинтестиналните манифестации, можат сериозно да го загрозат животот на пациентот.

Доколку не се интервенира брзо, состојбата може да прогредира во иреверзибилен шок и акутен застој на срцето. Воспоставувањето на вазомоторниот тонус и циркулаторниот волумен се неопходни за спречување на некомпензиран шок.

Клиничка слика

Во клиничката слика доминираат знаци од страна на неколку органски системи, и тоа: кожа, респираторен, кардиоваскуларен, гастроинтестинален систем, а може да бидат присутни и невролошки симптоми.

  • Кожа: Се јавува карактеристичен осип (уртикарија-ангиоедем) и пруритус (чешање).
  • Респираторен систем: Се јавуваат потешкотии во дишењето и промена на бојата на гласот поради едем на гласните жици, ларингоспазам, бронхоспазам и хипоксија.
  • Кардиоваскуларен систем: Реагира со хипотензија, тахикардија и аритмија.
  • Гастроинтестинален систем: Се манифестира со дијареја и вомитус (повраќање).

Терапија

Протоколот за терапија при анафилакса го опфаќа следново:

  1. Итно прекинување на давањето на лекот/супстанцијата која ја предизвикала реакцијата.
  2. Поставување на i.v. линија.
  3. I.V. течности: 1–2 литри Рингер лактат или Физиолошки раствор (0.9%. NaCl).
  4. Кислород: O2 100%.
  5. Amp. Аdrenalin (Epinephrine): 1 mg/1 ml (1 ампула на секои 3–5 минути) до стабилизирање на состојбата.
  6. Кортикостероиди: Amp. Urbason (Prednisolone) (1–2 mg/kg тт).
  7. Антихистаминици: Amp. Synopen i.v (4mg 4-6h максимална доза 24mg).
  8. Аминофилин: Amp. Aminophylline i.v. (5-6mg/kg i.v.) (при перзистентен бронхоспазам).

Превенција

  • Кај пациентите кои веќе имале анафилактична реакција, задолжително е секогаш да носат со себе автоинјектор со адреналин (EpiPen).
  • Во клиничката пракса, пред давање на анестезија, воведена е рутинска обработка на пациентот за претходни алергиски манифестации на лекови и некои видови храна.
  • Алерготестови на анестетици во рутинската анализа на предоперативниот третман.